Локалитет Давина кула

– Позиција
Доминантниот рид на кој е оформен доцноантичкиот град се наоѓа над левиот брег на реката Лепенец, веднаш наспроти, североисточно од селото Орман. Низ долгата Качаничка Клисура од најстари времиња водела магистралната патна траса од Дунавските земји кон Егејот и обратно. Така останало и под Римјаните, судејќи по Појтингеровата карта што е препис од Картата на Светот на римскиот географ Касториј, датирана во 4. Век н.е. Патот низ Качаничката клисура го контролирале најмалку три фортификации. Градиште, уште на почетокот на северната страна во атарот на село Ланиште. Кале кај Генерал Јанковиќ. И Давина Кула од скопската страна.

Картографски исечок

– Фортификација: акропола, град
До овој момент ние не го знаеме карактерот на најстарите културни хоризонти на Давина Кула. Наодот на железната фибула од т.н. малоазиски тип на североисточната падина под акрополата, упатува на идејата дека на врвот престојувале луѓе, и тоа претпоставуваме војници, во периодот од 3. и 2. век пред н.е., со задача да го контролираат клисурестиот влез во скопскиот басен. Притоа може да се претпостави дека тие изградила една мала стражарска тврдина. Истражувањата на Драги Митревски и В. Лилчиќ во последните неколку години, во Скопскиот басен изнесоа на виделина откритија на бронзени монети на македонските кралеви Александар III Македонски (Скопско Кале), Касандар (Бојане / Рогле, Побужје, Брњарци), Деметриј I Полиоркет (Горно Коњари на Пчиња и Брњарци) и Антигон Гонат (Скопско Кале). Ова значи дека античките македонски кралеви го контролирале регионот на Скопско во 4. и 3. век пред н.е.
Археолошките ископувања на Давина Кула открија монети од 3. век н.е. како и епиграфски натпис во кој се споменуваат паганските римски божества Јупитер и Јунона. И. Микулчиќ споменува 3 раноримски стели секундарно вградени во една доцноантичка гробница на планинското седло северно под градот на Давина. Сепак засега не може со сигурност да се тврди дека на Давина постоела населба од 2. век н.е.
Инаку, денес и без археолошки ископувања, на површината, лесно се распознаваат моќните одбранбени ѕидови оформени во доцната антика. Тој се состоел од јужна доминантна акропола или горни град и северно подградие или долни град.

Патниот приод и опфатот на градот

-Горни град – акропола
Акрополата на градот има издолжена, приближно елипсовидна форма, голема 184 х 110 метри, секако диктирана од заоблената форма на највисокиот врв од ридот. Со сигурност се идентификувани два одбранбени ѕида. Постариот има посолидна структура. На западната страна, ѕидот бил фундиран врз карпеста раседлина, висока од 2-4 метри. Подоцна, на оваа страна бил изграден помладиот ѕид, во послаба структура, вовлечен за околу 1-9 метри навнатре. Приближно на неговата средина била конструирана триаголна кула, карактеристична за 6. век н.е.
Помладиот ѕид што датира од 6. век н.е. бил изграден на јужната и источната страна речиси директно врз постариот ѕид, со незначително повлекување навнатре.
Со површинските истражувања биле евидентирани контури на 8 правоаголни кули, поврзани со помладиот ѕид. Воедно воочени се контури на два влеза во акрополата, како и за 18-34 метри издаден предѕид на јужната и југоисточната страна за заштита на акрополата од таа падина. Однатре оваа протеихизма, биле регистрирани контури на мала доцноантичка некропола.
Во опфатот на акрополата се евидентирани контури на ранохристијанска Базилика А, и станбен комплекс со долги улици претежно во правец југоисток – северозапад, со повеќе помали правоаголни станбени комплекси.
-Долни град
Северно од акрополата, на пониско издолжено плато со приближно правоаголна форма се простира долниот град. Се работи за цврсто фортифицирана градска површина голема 184 х 60 метри (200х100 римски стапки). Во фортифицираниот опфат се наоѓаат контури на станбени објекти, малата еднокорабна ранохристијанска Базилика Б, и широк централен правоаголен форум (плоштад). Воочени се три влеза. Јужен премин кон повисоката акропола, широк западен / југозападен влез за премин кон понискиот западен цврсто фортифициран сектор-падина Ц1, и тесен премин кон источниот фортифициран сектор Ц3.
Се работи за три сектори чија што надворешна фортификациска рамка го заштитувала Долниот град во вид на затворена протеихизма, на западната, северната челна и источната / североисточната страни. Во 1998 година беше отворена контролна сонда однатре масивниот челен северен ѕид, на местото на претпоставената градска порта. Меѓутоа на ова место немаше порта туку беше откриен компактен градски ѕид, искривен кон надвор, долж целата откопана должина од 5 метри, со внатрешно лице измазнето со малтерен премаз. Се претпоставува дека овој ѕид се искривил или под дејство на силните удари со опсадната справа ариес (овен) или земјотресот од 518 година н.е. На длабочина од 1.25 м под површината, беше откриен внатрешен ѕид што го потпирал – зајакнувал наведнатиот масивен челен ѕид, однатре.
Со постарите истражувања биле воочени уште две подградија. Северно подградие на површина од 1,55 ха, и источно подградие на површина од 3,5 ха.